Според авторот Томе Аџиевски, овој вонвременски проект е базиран на три дела, од кој првиот го претставува Светот на живите, вториот е порта или премин помеѓу светот на живите и светот на вечноста, додека третиот сегмент го претставува Светот на вечноста.
Светот на живите е претставен со фонтана и концентричен форум, каде е предвидено да се седи околу фонтаната и да се дебатира за секојдневниот живот. Тој треба да претставува нешто како парламент на отворено, симбол на слободата на говорот и јасната определба на граѓаните, за сопствени ставови и идеи.
На преминот помеѓу светот на живите и светот на вечноста доминираат четири коњички фигури – квадрила. Во исправена положба тие симболизираат оддавање на почит кон мртвите херои. На портата на латински (јазикот на вечноста) се вклесани зборовите Бесмртни, Слобода и Правда. Од страна има розети со лавји глави симболот на Македонија.
Третиот сегмент, односно Светот на вечноста е претставен со вечниот оган поставен на монолитна мермерна полутопка и бронзан штит во форма на спирала што симболизира бесконечност. Акрополис е претставен со ротонда од монументални столбови и централен столб, каде е фигурата на симболот на победата или митолошка заштитничка на борците.
Според идејата на авторот императив на проектот е тој да биде одраз на времето и просторот во кои тој настанал, а со самото тоа тој да биде и модерен.
më shumë